КУЛТУРНА УРБАНА МЕМОРИЈА

КАФЕАНА „МЕТРОПОЛ“

Објектот на некогашната кафеана „Метропол“ (фотографија: Наташа Диденко, 2019)

Во почетокот на 30-тите години од минатиот век Скопје било нарекувано „мал Париз“. Ова именување и денес може да се слушне од постарите генерации, кои занесено зборуваат за својата младост, за копнежот по западната мода и култура, за првите љубови и слично. За имиџот на градот Скопје како „мал Париз“, најмногу придонесувал плоштадот. На плоштадот во Скопје свирела различна музика, која на градот му давала посебен шарм и атмосфера. Кафеаната „Метропол“ била меѓу тие кафеани кои се наоѓале на плоштадот и во кои свирела музика. Таа била отворена во 1935 година, а била во сопственост на Васа Аврамовиќ, познат кафеанџија. Покрај музиката, нудела добра храна, пијалаци и добра услуга. Во кафеаната гостувале многу странски уметници, меѓу кои и „Трио Орлов“ со репертоар на „Мјузикл хала“ и кабаре со раскошна гардероба и акробатски балетски точки во придружба на оркестарот на Паја Тодоровиќ-Сарајлија, кој со своите севдалинки создавал пријатна атмосфера. Кафеаната „Метропол“ ги обединувала сите општествени слоеви, професии, генерации, разните уметници, бизнисмени, политичари, дипломати, секојдневни намерници, странски туристи и др. Како една од најпрочуените боемски собиралишта во 30-тите години од минатиот век, меѓу другото, организирала и пречеци на Нова година. За време на пречеците, во кафеаната настапувале скопските боеми, шармери, песнопојци, џентлмени и љубовџии, на кои се сеќаваат старите скопјани. Тоа се: Тони Лазаров, Борче Гиев-Уто, Благоја Атанасов-Брада, Борче Гарванлиев-Пони, Свето Здравев, Симе Гугуловски, Димитар Лалчевски-Лалче, Борче Георгиев-Црна, Мане и др.

На 18 февруари 2016 година Советот на Град Скопје донел Одлука за утврдување на изгледот на фасадата на деловниот објект (стар „Метропол“). Покрај изградбата на барокната фасада, објектот на некогашната кафеана „Метропол“ е и надограден. Денес на местото на некогашната кафеана „Метропол“ се наоѓаат други ресторани.

Наташа Диденко



Културна урбана меморија ‒ мапирање на местата на сеќавање (КУМ)

Проект на Институтот за национална историја ‒ Скопје

Финансирано од Министерството за култура на Република Северна Македонија