КУЛТУРНА УРБАНА МЕМОРИЈА

СКОПСКОТО КАЛЕ

Скопското Кале (фотографија: Наташа Диденко, 2019)

Скопската тврдина, позната под името Кале, е сместена на ритчето кое се надвишува над реката Вардар и кое господари со градот. На ова место постоеле населби уште од времето на неолитот. Првите ѕидини на тврдината датираат од 6 век, а камените блокови за градба биле носени од разурнатиот антички град Скупи.

Скопското кале или Горниот град претставува монументална градба која функционирала како воен центар каде што престојувале гарнизонот и воениот управник на Скопје. Подоцна во рамките на овој простор започнале да се градат и цркви и порепрезентативни објекти во кои се населувала црковната и световната аристократија. Обичното население се населувало под ѕидините, во т.н. Долен град, кој егзистирал веќе од 11 век. Со освојувањето на Скопје од страна на Османлиите во 1391/1392 година, Калето го изгубило своето значење и станало само место во кое престојува воениот гарнизон сè до крајот на османлиската доминација.

Поради својата доминантна и стратешка положба, Калето во текот на своето постоење постојано било цел на напади, пришто повеќепати било оштетувано, но и обновувано и доградувано. По големите штети од земјотресот во 1963 година, биле обновени и заштитени окружните и квадратните кули на ѕидините.

Со последните мерки на ревитализација, Скопското кале е целосно обновено и како заштитен споменик на културата претставува едно од најпопуларните места за посета во Скопје.

Драги Ѓоргиев



Културна урбана меморија ‒ мапирање на местата на сеќавање (КУМ)

Проект на Институтот за национална историја ‒ Скопје

Финансирано од Министерството за култура на Република Северна Македонија