КУЛТУРНА УРБАНА МЕМОРИЈА

СПОМЕН-КУЌА НА МАЈКА ТЕРЕЗА

Главниот влез на Спомен куќата на Мајка Тереза (фотографија: Наташа Диденко, 2019)
Задниот дел на Спомен куќата на Мајка Тереза. Фотографија: Наташа Диденко, 2019
Склуптура на Мајка Тереза од гипс, поставена во дворот на Спомен куќата на Мајка Тереза. Фотографија: Наташа Диденко, 2019

На 9 мај 2009 година беше поставен камен-темелникот на Спомен-куќата. По само 9 месеци беше изграден објектот посветен на најхуманата жена на светот, Мајка Тереза. Локацијата на објектот Спомен-куќата на Мајка Тереза е истакнато место на скопскиот плоштад, на главната градска пешачка зона – ул. „Македонија“ бр. 9 – Скопје, врз која некогашната католичка црква „Пресвето срце Исусово“ оставила силна трага од непосредното минато. Тоа е светото место во кое била крстена Агнес Гонџа Бојаџиу (Мајка Тереза) само еден ден по раѓањето. Во таа црква таа ја примила првата причест и го наоѓала духовниот мир, особено по смртта на својот татко – Никола Бојаџиу. Меѓутоа, местото имало посебно влијание и врз формирањето на нејзиниот карактер и врз желбата од најраните години на својот живот да им помага на оние на кои им била потребна помош. Всушност, на еден начин самата локација претставува еден симболичен мост помеѓу младата скопјанка Агнес Гонџа и една од најголемите хуманитарки во светот Мајка Тереза

Објектот конструктивно претставува испреплетена затворена форма, така што сите носечки столбови на фасадата се видливи со намера да се симболизира дел од семејството. Столбовите на исток ги симболизираат братот и сестрата на Агнес Гонџа Бојаџиу. Влезната порта на Спомен-куќата претставува реконструкција на карактеристична градска скопска порта со два камена, коишто служеле како место за соседска (женска) средба и муабет, а на фасадата се забележуваат орнаментите од риби и птици, кои се дел од детството на Мајка Тереза (хранење на гулабите на таванот од куќата, барање златни риби во подрумот под бунарот), но и клучни симболи за христијанството. Во дворот на Спомен-куќата се наоѓа скулптурата на Мајка Тереза од гипс, дело на полскиот скулптор Густав Земља, а донирана во 2009 година од Томислав Кецман.

Внатрешноста на изложбениот простор во Спомен-куќата на Мајка Тереза е конципирана така да потсетува на македонска градска куќа од почетокот на XX век. Самата поставка започнува со фотографии од старо Скопје од почетокот на XX век, кога Македонија сѐ уште е дел од Османлиската Империја, со цел да се долови духот на овој дел од Балканот како крстосница помеѓу ориенталниот Исток и христијанскиот Запад. Таа мешаница на култури се проткајува низ секоја нишка на секојдневјето и е најдобро илустрирана преку изложениот мебел, кујунџиските изработки, облеката и сл.

Концептот на изложбата е да се следи животниот пат на Мајка Тереза од нејзиното детство поминато во родното Скопје, преку годините поминати како мисионерка на љубовта, па сѐ до нејзината смрт и беатификацијата. Преку многубројните фотографии, посетителите можат да се запознаат со оние настани што оставиле печат во формирањето на личноста на Агнес Гонџа Бојаџиу: нејзиното семејство, детството, нејзините пријатели, активностите во Католичката црква и др.

Понатаму го следиме преминот на младата Агнес Гонџа и нејзиното приклучување во редот на сестрите од Лорето и големото влијание на патронката на мисионерите во Франција – Св. Тереза од Лисје, врз нејзиниот живот. Во Спомен-куќата се наоѓа и белото сари со сини ленти – што всушност била нејзина официјална униформа на Мисионерите на Љубовта. Како дел од поставката, изложен е и ѓерданот, кој е подарок од сестра Нирмала –првата наследничка на Мајка Тереза. Меѓу документите, коишто се подарок од редот на Мисионерките на љубовта од Рим, изложен е и молитвеникот напишан од Мајка Тереза.

Поставката располага со многубројни фотографии кои ја доловуваат хуманитарната работа на сестрите од нејзиниот ред, како и фотографиите на Мајка Тереза со позначајните личности какви што се: папата Јован Павле II, претседателот на САД, Роналд Реган, и неговата сопруга Ненси, прицезата Дајана, духовниот водач Шри Чинчој и др. Исто така, поставени се фотографии од нејзините четири посети и средби со познати црковни и световни личности во Скопје, како и публикации за Мајка Тереза од разни автори и издавачи од целиот свет.

Целата градба е со мултифункционален карактер и е конципирана на тој начин да не претставува музеј од класичен тип со изложбен простор, туку и место во коешто посетителите ќе можат да го пронајдат својот духовен мир. Со таа цел, во горниот дел е изградена капела во која се одржуваат миси – трипати во неделата, во чиј олтарен простор е приложена реликвија од Мајка Тереза.

Подрумскиот дел е замислен како мултимедијален простор, во кој се одржуваат проекции и изложби на дела поврзани со животот и делата на Мајка Тереза и воопшто со хуманитарната работа на луѓето од целиот свет. И во надворешниот простор зад музејот е лоциран мал амфитеатар, во кој се одржуваат концерти, рецитали, филмски проекции и театарски претстави под отворено небо. Всушност, целиот објект е во една динамика на трансформација од световното кон светото.

Наташа Диденко



Културна урбана меморија ‒ мапирање на местата на сеќавање (КУМ)

Проект на Институтот за национална историја ‒ Скопје

Финансирано од Министерството за култура на Република Северна Македонија