КУЛТУРНА УРБАНА МЕМОРИЈА

ВЛАДА

Влада на Република Северна Македонија (фотографија: Наташа Диденко, 2019)

Во 1970 година Петар Муличкоски ја проектирал зградата на тогашниот Административен комплекс на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија (подоцна Влада на Република Македонија). Зградата e составена од неколку кубуси поврзани со заеднички холови. Секој од нив e изграден со бетонско јадро и со висечка челична конструкција затворена со сендвич-панели направени со алуминиумска површина и стакло. Објектот на Владата на бул. „Илинден“ e изведен од архитектката Ратомирка Анѓелковиќ, која работела на унапредувањето на современото организирање и реализација на изградбата преку подготовката на градилиштето, изработката на организациските шеми, плановите за технологијата на изведбата, како и на оперативните планови со нивно следење и усогласување во текот на работата.

Во 2011 година, како дел од проектот „Скопје 2014“, започнува внатрешното реновирање и промената на фасадата на зградата, додека во 2015 година е поставена ограда од ковано железо помеѓу бетонски столбови, висока над два метри.

Првата Влада на Република Македонија, позната уште како „експертска влада“, е формирана на 21 март 1991 година на чело со академик Никола Кљусев. Втората влада е формирана на 4 септември 1992 година на чело со Бранко Црвенковски, лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (натаму: СДСМ). Третата влада е конституирана на 20 декември 1994 година на чело со премиерот Бранко Црвенковски. Четвртата влада е формирана на 1 декември 1998 година на чело со претседателот Љупчо Георгиевски. Петтата влада е формирана на 1 октомври 2002 година на чело со Бранко Црвенковски, лидер на СДСМ. Шестата влада е формирана во мај 2004 година (по изборот на Бранко Црвенковски за претседател на Република Македонија) и неа ја предводел Хари Костов, стручњак од областа на банкарството. По оставката на Хари Костов е формирана седмата влада на чело со Владо Бучковски, тогашен лидер на СДСМ. По победата на Внатрешната македонската револуционерна организација‒демократска патија за македонско нционално единство (натаму: ВМРО-ДПМНЕ) на парламентарните избори во 2006 година е формирана осмата влада на чело со Никола Груевски. Во 2016 година е формирана техничка влада на чело со Емил Димитриев, а во 2017 година е формирана дванаесеттата влада на чело со Зоран Заев, лидер на СДСМ. На 12 февруари 2019 година Владата е преименувана во Влада на Република Северна Македонија.

Наташа Диденко



Културна урбана меморија ‒ мапирање на местата на сеќавање (КУМ)

Проект на Институтот за национална историја ‒ Скопје

Финансирано од Министерството за култура на Република Северна Македонија