КУЛТУРНА УРБАНА МЕМОРИЈА

МИСИЈА

Интердисциплинарниот проект „Културната урбана меморија - мапирање на местата на сеќавање“ претставува комбинација на знаења од повеќе области, инволвирајќи ги истовремено науката, уметноста, технологијата и традицијата. Познавањето и претставувањето на културната меморија на урбаниот простор претставува особено интересна и значајна тема, која е од особена важност за заедницата. Во конкретниов случај, фокусот на нашиот интерес е градот Скопје уште од неговите почетоци. Имено, како урбана населба и како важно стратешко место, се среќава уште во античкиот период под името Скупи.

Предмет на интерес на овој проект се сите сфери на културното живеење на градот Скопје низ историјата и денеска. Комплексот на културната урбана меморија на Скопје вклучува разни места на сеќавање од различни области: историја, фолклор и традиција, спорт, музика, драма и театар, филм, храна, забава, секојдневен културен живот итн. Притоа, како точки се обработени следниве: имиња на улици, плоштади, верски, трговски и индустриски објекти, места за забава; квартови – некогашни и сегашни и слично.

Овој проект обединува различни професионални профили и, од методолошки аспект гледано, понудениот концепт предвидува интердисциплинарна методологија на работа. Во оваа фаза е најважна изработката на интерактивна веб-страница за мапирање на местата на сеќавање во градот Скопје. Создадената база на податоци и на фотографии за местата на сеќавање ќе биде основа за натамошно развивање и надградба на овој проект. Уверени сме дека резултатите од оваа идеја ќе придонесат во зачувувањето на културната урбана меморија на градот Скопје како дел од културното наследство, со што проектот несомнено ќе значи и остварување на националниот интерес во областа на културата на нашата држава, односно нејзин развој, афирмација и промоција.



Културна урбана меморија ‒ мапирање на местата на сеќавање (КУМ)

Проект на Институтот за национална историја ‒ Скопје

Финансирано од Министерството за култура на Република Северна Македонија