КУЛТУРНА УРБАНА МЕМОРИЈА

ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА

Како резултат на одлуката донесена на Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 г. Првата Влада на НР Македонија, на 20 јули 1948 година, го донесува првиот законодавен акт за основање на Институтот за национална историја (Уредба на НРМ од 22.07.1948 г.). Со овој акт основана е првата македонска специјализирана научна институција со тоа започна континуираното академско истражување и проучување на нашето минато.

Од тој 20 јули во далечната 48. до денес, во текот на 70 години континуирано работење, Институтот за национална историја прераснува во една од водечките македонски научни установи, кадешто се формираше и работеше и првата генерација македонски историчари, кои ги поставија темелите на македонската историографија. Нивните пионерски чекори и нивната филигранска и многу чувствителна работа, имаа огромно влијание и во Р Македонија и надвор од неа, посебно во поглед на толкувањето на историјата на македонскиот народ. Тие успеаја да го пронајдат, да го извлечат и да го исчистат македонското од скриеното, измешаното минато и да го понудат како нешто автентично и цврсто на кое застана македонската нација. Тоа толкување понуди автентична перцепција на минатото на Македонија, етаблирајќи ја македонската историографија во рамките на балканската историографија и профилирајќи го Институтот како препознатлива научна установа и надвор од границите на Р Македонија. Од неговите редови, всушност, досега произлегоа осум членови на Македонската академија на науките и уметностите, а некои од нив беа или се членови и на странски академии и историски друштва. Исто така, Институтот отсекгоаш бил и расадник на кадри во многу други научни институции, факултети, државни установи и министерства.

Истовремено со растот на Институтот како академска установа, во 1949 г. започнува и неговата издавачка дејност. Од појавата на првиот труд посветен на богомилството во споменатата 1949 г. до денес, неговите изданија ја достигнуваат бројката од близу 400 монографски научни трудови, чии автори во најголем дел биле и се вработените во Институтот. Бројот на историографски трудови на научните работници е многу поголем ако се земат предвид и оние објавени од други издавачки куќи. Меѓу изданијата на Институтот спаѓа и научното списание Гласник, кое непрекинато излегува од 1957 г. и кое претставува водечко списание во областа на историската наука во Р Македонија. Во досегашните 100 броја на оваа списание, кое е присутно во сите значајни светски библиотеки, се објавени повеќе од 2000 научни статии на научници и на професори речиси од целиот свет.

Растот на Институтот како професионална установа истовремено беше проследен и со неговото оформување како комплетна институција. Така, уште од самиот почеток во Институтот беше формирана специјализирана историска библиотека која денес располага со 35.000 книги, од кои преку 1000 се од 19 век и се извонредно ретки, како и со 15.000 наслови од периодика од домашна и странска провиниенција. Освен библиотеката, Институтот располага и со одделение за документација, во кое се чуваат преку 1.000 архивски единици. Во оваа одделение е и фондот од систематизираните материјали обработени во библиографското одделение, во кое се содржани голем број мемоарски записи на личности кои се дел од македонската историја.

Научноистражувачката дејност на Институт за национална историја се остварува преку работа на меѓународни и домашни научни проекти, истражувачки престои, соработка со научни институции во државата и надвор од неа, учество на меѓународни собири и конференции и сл. Во овој момент Институот е учесник во неколку меѓународни проекти, од кој посебно треба да се истакне четиригодишниот проект посветен на размената на академските знаења во Црноморскиот регион, поддржан од европската програма Хоризон 2020 во кој учествуваат институти и универзитети од 12 европски држави Knowledge Exchange and Academic Cultures in the Humanities: Europe and the Black Sea Region, Late 18th 21th Centuries , Horizon 2020 (Research and Innovation Staff Exchange).

Институтот досега има организирано неколку десетици меѓународни и домашни научни конференции, симпозиуми и трибини, бил домаќин на научници и професори кои престојувале и истражувале во нашата држава, а има воспоставено и соработка со бројни сродни институции од земјата и од странство. Институтот соработувал и соработува со голем број институции. За својата досегашна активност Институтот е добитник на неколку награди, меѓу кои најзначајни се: Наградата „11 октомври“ во 1969 г., Орден на трудот со црвено знаме во истата година, Наградата „Гоце Делчев“ во 1978 г., Наградата АВНОЈ во 1980 г.

Својата дејност Институтот за национална историја ја остварува преку следните сектори и одделенија:

1. Сектор за научно-истражувачка дејност во чиј состав се следните одделенија:

1.1 Одделение за античка и средновековна историја на Македонија (до 1371 година);

1.2 Одделение за историја на Македонија во време на османско-турското владеење;

1.3 Одделение за историја на Балканот и на Македонија (1800-1914);

1.4 Одделение за историјата на македонскиот народ (1914-1941);

1.5 Oдделение за нова и најнова историја (1941-1991);

1.6 Одделение за историјата на малцинствата на Балканот и иселеништвото;

1.7 Балканолошко одделение;

1.8 Одделение за хералдика и вексилологија;

1.9 Одделение за културна историја.

2. Сектор за издавачка дејност во чиј состав се следните одделенија:

2.1 Одделение за издавање на книги, списанија и периодични публикации

2.2 Одделение за маркетинг и пласман

3. Сектор за високообразовна дејност за студии од втор и трет циклус со следниве одделенија:

3.1 Одделение за студии од втор циклус

3.2 Одделение за студии од трет циклус

4. Сектор за стручни и административни работи со следните одделенија:

4.1 Одделение за правни, стручни и општи прашања

4.2 Одделение за финансиски прашања

Почнувајќи од академската 1998 г. Институтот за национална историја се вклучи и во образовниот процес со акредитација на програми за последипломски и докторски студии. Во 2013 г. добива решение за акредитација на тригодишни студиски програми од трет циклус на докторски студии по Културна историја на Македонија. Во 2016 г. добива решение за акредитација и на тригодишни студиски програми од трет циклус на докторски студии по Историја на Македонија. Од 2019 година Институтот акредитира студиска група Културна историја и географија на Македонија, во соработка со Катедрата за географија при Природно-математичкиот факултет при УКИМ во Скопје.

Во текот на своето 70 годишно постоење Инстиутот за национална историја е носител на историската научна мисла во нашата земја и се грижи за оспособување и усовршување на научноистражувачките кадри преку мотивирање, насочување и развивање на научно-истражувачките способности кај младите, низ избор, прифаќање и селекција на научниот подмладок и се грижи за создавање и развивање на научно-истражувачката инфраструктура од областа на историјата.



Културна урбана меморија ‒ мапирање на местата на сеќавање (КУМ)

Проект на Институтот за национална историја ‒ Скопје

Финансирано од Министерството за култура на Република Северна Македонија